Тарана Туран Рахимли (Азербејџан) / Препев на македонски јазик: Звонко Танески

Тарана Туран Рахимли (Азербејџан)
 
Тарана Туран Рахимли е азербејџанска поетеса, писателка, новинарка, преведувачка, книжевна критичарка. Работи како доцентка на Катедрата за светска книжевност на Државниот универзитет за педагогија во Баку. Авторка е на седум книги, објавила над 400 стручни статии, а наедно уредила над 20 монографии и зборници за поезија. Нејзиното творештво е преведувано и објавувано во различни списанија и антологии во 25 земји ширум светот, меѓу кои би можеле да се издвојат: Италија, Шпанија, САД, Германија, Англија, Белгија, Чиле, Турција, Русија, Украина, Казакстан, Киргистан, Татарстан, Узбекистан, Романија, Босна и Херцеговина, Полска, Индија и други.
 
 
Јас сум жена
 
Не сум сликар
Но познавам многу бои
Голем број од сликарите не се свесни за нив:
Бојата на љубовта, бојата на копнежот, бојата на тагата…
 
Не сум композитор
Но можам да ги чујам звуците
Кои секој композитор не може да ги чуе:
Звучната хармонија на разделбата, придружбата и надежта.
 
Не сум градинар
Но како што ги чувствувам мирисите на цвеќињата,
можам да го почувствувам и мирисот на деновите и месеците.
Миризливиот венец со шарени чувства
му дава шарм на мојот живот.
 
Не сум сликар,
Не сум композитор,
Не сум градинар …
Јас сум жена
Која Бог ја беше создал
Во пријатен час …
Постои светлината на љубовта од Бога
Во моите очи и во моето срце …
 
 
 
Не сме создадени еден за друг
 
Човечки суштества сме од два различни света,
Темнината е во едниот, светлината пак во другиот свет.
Две различни срца, две различни мислења.
Не сме создадени еден за друг.
 
Моите желби се како брод без едра,
Твоите бранови не можат да ме погодат.
Таквата љубов може да прерасне во тага по разделбата.
Не сме создадени еден за друг.
 
Не сакам топлината на љубовта да те изгори
Не можам да го носам пламенот на љубовта.
Кој слушнал за лето и зима сплотени?
Не сме создадени еден за друг.
 
Мислам дека сите луѓе на мојот пат се ангели,
Но за тебе сите луѓе наоколу се измамници.
Каква полза би имале од сопственото залажување?
Не сме создадени еден за друг.
 
Секој од нас има различен дух, ајде да не бидеме раскарани
Да не се туркаме заемно во возот на животот.
Да не го градиме патот, чиј крај се гледа однапред
Не сме создадени еден за друг.
 
 
 
Оваа љубов е небаре на работ на смртта
 
Оваа љубов е небаре на работ на смртта
Оди, не дозволувај очите да ти бидат покриени со крв.
Сега е залудно да бараш утеха или надеж,
Не повредувај се самиот, а и не изнесувај ме надвор.
 
Сега чувствата ми се замрзнати,
Нема да се стоплат, дури и да ги оставам на сонце.
Ми го исполни срцето со премногу тага,
Ниедна љубов веќе не ќе може да влезе во него.
 
Видов гроб во твоите очи,
Не инсистирај да кажам Те сакам.
Оваа љубов е небаре на работ на смртта
Оди, не дозволувај очите да ти бидат покриени со крв.
 
 
 
Препев на македонски јазик: Звонко Танески
Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s